
Европската иднина на Западен Балкан е неопходност, а не алтернатива, а проширувањето на Европската Унија претставува стратешка инвестиција во стабилна, безбедна и обединета Европа – ова е централната порака што беше испратена од годишната регионална конференција на либералите „Quo vadis Europa 2025?”, која вчера и денес се одржа во Скопје, во организација на Либерално-демократската партија (ЛДП), во соработка со Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ / ALDE) и Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (LIBSEEN).
Настанот обедини високи политички претставници, европратеници, експерти и партнери од регионот и Европската Унија, кои низ дводневна програма отворија суштинска дебата за иднината на Европа и европската перспектива на Западен Балкан, геополитичките предизвици и улогата на либерално-демократските вредности во современиот европски контекст.
Во фокусот на дискусиите беа европските интеграции на земјите од Југоисточна Европа, усогласувањето со европските стандарди, регионалната соработка и потребата од поефикасна, политички посилна и проширена Европска Унија, способна да одговори на современите безбедносни и економски предизвици. Преку панел-дискусии и тематски сесии беа адресирани клучни прашања поврзани со усогласувањето со европските стандарди, регионалната соработка, европската безбедност и потребата од поефикасна, политички посилна и проширена Европска Унија.
Отворајќи ја конференцијата Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократската партија и претседателка на LIBSEEN истакна дека Северна Македонија донесе тешки одлуки во име на европската иднина и дека покажа храброст, компромис и посветеност на европските вредности – често по висока внатрешна цена. Но сепак нејзиниот европски пат останува неизвесен, одложуван не само поради недостаток на реформи, туку и поради структурните слабости во самиот процес на европско одлучување.
„Доколку ЕУ е навистина сериозна во однос на проширувањето, кредибилитетот и својата геополитичка улога, таа мора да биде сериозна и во реформата на начинот на донесување одлуки бидејќи едногласноста пречесто се претвори во алатка за блокада, наместо за постигнување консензус. Таа овозможува билатералните прашања да се европеизираат, а националните вета да ги надвладеат заедничките европски интереси. За земјите кандидати како Северна Македонија, Црна Гора, Косово и други, ова не е техничка дебата – ова е прашање на доверба. Доверба дека нашиот напредок ќе биде оценуван правично и дека ЕУ може да дејствува како политичка унија, а не само како форум за бесконечни одложувања”, рече Зајкова.
Таа посочи дека движењето кон квалификувано мнозинство во клучните области не значи слабеење на државите членки туку значи зајакнување на способноста на Европа да дејствува, да одлучува и да води. Притоа додаде дека Западниот Балкан не е периферија на Европа туку е нејзина недовршена приказна и дека стабилноста, демократијата и просперитетот во нашиот регион се неразделни од иднината на самата ЕУ, како и тоа дека интеграцијата не смее да биде селективна или симболична, туку реална, инклузивна и неповратна.
Според Свенија Хан претседателка на АЛДЕ Партијата и пратеничка во Европскиот парламент, време е приказната за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан конечно да биде завршено бидејќи Западен Балкан е есенцијален дел од ЕУ.
„Ако сакаме силна и просперитетна Европа мора да го одржиме единството, а само проширена Европа може да обезбеди го обезбеди тоа. Европа нема да биде целосна без земјите од Западен Балкан”, рече Хан.
Поздравувајќи ги високите гости од Европа и учесниците од името на македонската држава Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, истакна дека европската перспектива е стратешка определба на државата.
„Откако Република Северна Македонија ја трасираше својата евроатлантска ориентација, преку посветените реформи и пожртвуваноста кон овој процес, докажа дека нашата единствена стратешка цел останува Европската Унија. Оваа визија не е краткорочна, ниту условена, туку претставува непоколеблива и консензуална определба. За оваа визија и овој стремеж спроведуваме реформи, го зајакнуваме владеењето на правото, ја унапредуваме транспарентноста, ги модернизираме постапките и го усогласуваме нашето законодавство со она на ЕУ”, рече Гаши.
Со видео обраќање на учесниците се обрати и Ирена Јовева, пратеничка во Европскиот парламент, која нагласи дека Европската Унија мора да покаже кредибилитет и доследност кон земјите кандидатки и дека европската иднина на регионот е прашање од заеднички европски интерес. Таа истакна дека Севрна Македонија е земја која заслужува повеќе од што Европа моментално го дава.
„Оваа наша Унија денес нема толку проблеми со процедурите, колку што има со довербата и за жал и со сопствениот кредибилитет. Северна Македонија направи политички компромиси кои беа многу болни, тешки и историски, и не заслужува политички маратон без крај. Ветото е алатка за принуда, а не за заштита на ЕУ и затоа е потребно квалификувано мнозинство и во надворешната политика бидејќи светот не чека”, порача Јовева.
Во рамки на конференцијата се одржаа две клучни панел-дискусии. Првиот панел, на тема „Европа инвестира во сопствената одбрана: Дали оружјето е доволно?”, се фокусираше на европската безбедност, одбранбените политики и пошироките геополитички ризици, со учество на Рик Дамс, поранешен претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Елиза Хоџа, пратеничка и членка на LIBSEEN, Маријана Пуљак, пратеничка и поранешна ко-претседателка на партијата Центар, и Ватрослав Белан, поранешен државен секретар и претседател на Либералната партија на Црна Гора.
Вториот панел, „Геополитички силна, проширена и ефикасна Европска Унија”, ги отвори прашањата за реформите во ЕУ, динамиката на проширувањето и улогата на Западниот Балкан во новиот европски поредок, со учество на Весна Пусиќ, поранешна заменик-претседателка на Влада и министерка за надворешни работи, Луција Тачер Перин, пратеничка, Свенија Хан и Моника Зајкова. Заедничкиот заклучок од дискусиите беше дека без интеграција на Западниот Балкан, Европската Унија не може да биде целосна, ниту геополитички кредибилна, и дека проширувањето мора да се третира како стратешка нужност, а не како бирократски процес што се одложува.
Конвенцијата „Quo vadis Europa 2025?” уште еднаш ја потенцираше потребата од обновен европски ангажман, јасна политичка волја и засилена поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и регионот. Зашто, Европа оди напред кога е доволно храбра да се реформира, доволно искрена да вклучи и доволно принципиелна да застане зад своите вредности. И дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија, Западниот Балкан припаѓа во ЕУ и Европа мора да биде подготвена да се развива за да ја направи таа иднина возможна.

