
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во февруари годинава изнесува 43 053 денари, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во споредба со февруари претходната година, месечната нето-плата по вработен бележи пораст од 9,6 проценти.
Од ДЗС објаснуваат дека ова покачување првенствено се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во неколку клучни сектори. Тоа се: Дејности во врска со недвижен имот со 16,6 проценти, Преработувачка индустрија со 11,5 проценти и Образование со 11,4 проценти.
Забележителен пораст на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на јануари, е регистриран и во секторите: Информации и комуникации со 4 проценти, Дејности во врска со недвижен имот со 3,9 проценти и Преработувачка индустрија со 2,5 проценти.
Во февруари годинава, просечната месечна исплатена бруто-плата изнесува 64 634 денари.