Skip to main content
Македонија

Пронајдена угината единка балкански рис кај Буково

24/02/2026  15:58

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) соопшти дека е пронајдена угината единка од строго заштитениот балкански рис (Lynx lynx), станува збор за возрасна женка.

Според информациите, рисицата била забележана денеска околу 06:00 часот на патниот правец Охрид – Ресен, во близина на селото Буково.

Надлежните служби веднаш извршиле теренски увид, при што биле вклучени претставници од Државниот инспекторат за животна средина и Македонското еколошко друштво.

Од ДИЖС информираат дека угинатата единка ќе биде транспортирана во Скопје, каде на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ ќе биде извршена обдукција со цел да се утврдат причините за угинувањето.

Балканскиот рис се смета за еден од најзагрозените видови во Европа и е строго заштитен согласно националното и меѓународното законодавство.