Skip to main content
Македонија

Пролет со нестабилни и врнежливи периоди, можност за излевање на реки и свлечишта

06/04/2025  08:30

Динамична пролет со нестабилни и врнежливи периоди во првата половина и потопол период со зачестени грмотевични бури во втората половина, предвидуваат професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

По најавеното заладување со врнежи од дожд и снег на планините и можен утрински мраз во некои пониски делови од државата, двајцата професори веќе во втората половина од месецов, односно за Велигденските празници, очекуваат стабилизација на времето, но на крајот на април повторно да биде променливо со можни врнежи и грмежи.

Во нивната анализа за временските услови, хидролошките ризици и можните гео-непогоди оваа пролет се посочува дека во мај температурите ќе бидат еден до два степена над просекот, но поради зголемената водена пара во атмосферата, периодите на стабилно и топло време ќе бидат прекинати од краткотрајни, но интензивни нестабилности.

– Периодот од 7 до 14 април се очекува да се задржат пониски температури од просечните за овој период. Врнежите исто така бележат позитивно отстапување за овој период. Од половината на месецот, вклучувајќи ги и Велигденските празници, постепено подобрување на временската слика, со повеќе сончеви периоди и температури во рамките на просечните. Сличен тренд ќе бележат и врнежите со таа разлика што во седмицата од 14-21 април за нијанса повеќе врнежи во југозападниот дел додека наредниот седмодневен циклус во југоисточните делови. За периодот на месец мај – до почетокот на летото (21 јуни), се предвидуваат температури од 1 до 2 °C повисоки од просечните, со врнежи во рамките на просечните вредности, се вели во анализата.

Во јуни се очекува понатамошно загревање и зголемена атмосферска нестабилност, со можност за силни невремиња, град и ненадејни поплави.

– Повисоките температурни аномалии за мај и јуни, укажуваат на постепено загревање на Европскиот континент, што поради зголемената водена пара во атмосферата како резултат на климатските промени, ќе создаде услови за интензивирање на конвективните процеси. Ова ќе доведе до развој на грмежни бури, кои понекогаш можат да бидат поорганизирани грмотевични групации (кластери), линии на нестабилност во средни размери, управувани од синоптичко-динамички системи и да создадат неповолни временски појави, како ненадејни поплави, силни ветрови, молњи и појава на град со потенцијално големи деструктивни влијанија, се нагласува во анализата.

Двајцата професори укажуваат дека поради променливиот карактер на времето и можните хидролошки ризици, неопходна е зголемена подготвеност на институциите и јавноста за навремено реагирање на потенцијалните неповолни временски појави.

– Продолжените врнежи што ја зафатија државата во изминатите денови, како и прогнозираните до крајот на април и во месец мај значително ќе ја заситат почвата со влага, создавајќи „вишок на водена маса“. Во таа смисла, наредните недели, граѓаните, локалните и централните власти треба да бидат подготвени за зголемен ризик од поплави, свлечишта, одрони, засипување на патишта со нанос и други непогоди, се наведува во анализата.

Зголемено површинско задржување и појава на речни поплави, се очекува особено во рамничарските, котлински делови. Такви се речните долини на Вардар (Долни Полог, Катлановско, Велешко, Гевгелиско-Валандовско), Пчиња (особено низводно од Пелинце), Крива Река (помеѓу Крива Паланка и с. Ранковце), Брегалница (со некои нејзини притоки како Желевица, Злетовска Река низводно од с.Злетово и др.), Струмица, Црна Река низ Пелагонија и сл.

– Со оглед на прогнозите за дополнителни врнежи, веќе во наредните денови се очекува поплавување кое се очекува да биде од слаб, до умерен карактер. Воедно, вештачките акумулации, кои претходно беа значително испразнети, ќе се наполнат, а можно е и значително зголемување на нивото на Охридското Езеро, велат двајцата проферори.

Продолжителните врнежи кои во одредени периоди и делови на државата ќе имаат пороен карактер, според Спиридонов и Милевскии, ќе го зголемат ризикот од свлечишта и одрони, особено на стрмните падини и поголемите засеци на патиштата.

– Во западниот дел на државата пак, на стрмните планински страни и кон нивните подножја, до средината на април, можни се појави на снежни и комбинирани (снежно-одронски) лавини. Најранливи се стрмните терени со нестабилна подлога, неотпорни карпи (шкрилци, песочници, глини) и претходно активни свлечишта. Особено критични точки се патните правци: Маврово-Дебар-Струга, Охрид-Ресен-Битола, Струмица-Берово-Делчево, Скопје-Велес, Куманово-Кратово, Кочани-Делчево, Крива Паланка-Деве Баир, како и долж засеците на повеќе локални патишта, посочуваат професорите.

Според Спиридонов и Милевски, неопходни се навремени превентивни и мерки за заштита, како што се перманентна проценка на ризикот од поплави, согласно краткорочните и среднорочните прогнози за врнежите и состојбата на теренот, редовна комуникација и координација меѓу институциите и соодветните научно-истражувачки институции, превентивни активности од ЦУК, ДЗС и локалните власти, изработка на национален катастар на ризични подрачја и развој на ГИС систем со детален мониторинг и сценарија за потенцијални природни непогоди.