Skip to main content
Свет

Проевропскиот блок во силно водство на изборите во Молдавија

29/09/2025  08:10

Според делумни, прелиминарни резултати објавени од Државната изборна комисија (ДИК), која ги презентира податоците во реално време, се очекува пет политички формации – три партии и две коалиции – да влезат во новиот парламент на Молдавија.

По обработка на 94 проценти од записниците, проевропската Партија на акцијата и солидарноста (ПАС), формирана од претседателката Маја Санду, добива 47,4 проценти од гласовите.

На второ место е опозицискиот Патриотски блок, составен од четири проруски партии, кој, според делумни, прелиминарни резултати, освоил речиси 26 проценти. Опозициската коалиција синоќа организираше протест пред зградата на ДИК.

Блокот „Алтернатива“, предводен од градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан, поранешниот премиер Јон Кику, екс-главниот обвинител и претседателски кандидат Александру Стојаногло и поранешниот претседателски советник Марк Ткачук, се наоѓа на третата позиција. Според делумни, прелиминарни информации од ДИК, „Алтернатива“ освојува речиси 8,5 проценти.

„Нашата партија“ на Ренато Усати ја надмина партијата „Демократија дома“ во споредба со претходните резултати и сега е на четврто место со 6,2 проценти. Партијата „Демократија дома“ со лидер Василе Костиук собира 5,6 проценти. Оваа формација се залага за обединување на Молдавија и Романија.

Според првичните податоци на ДИК, досега владејачката Партија на акцијата и солидарноста е водечка и според гласовите од дијаспората. Патриотскиот блок е на второ место, а „Нашата партија“ е на трето. Сепак, во некои од избирачките места во странство, гласањето сè уште е во тек поради временската разлика, а последните избирачки места се затвораат во САД и Канада.