![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/bienale_arhitektura-4-1024x683.jpg)
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска на прес-конференција соопшти дека проектот „Страда бруталисима” на авторите д-р Благоја Бајковски, д-р Ана Рафаиловска, м-р Невенка Манчева Аџиевска и м-р Марија Антиќ Николовска, во организација на Националната галерија, ќе ја претставува нашата држава на 19-тата Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција. Комесари на изложбата се Фросина Зафировска и Маја Неделковска Брзанова.
Љутков потенцираше дека е особено значајно позиционирањето на нашата земја на меѓународната сцена каде што архитектите на новото време ќе ги презентираат своите современи остварувања.
„Македонскиот национален павилјон по седум години повторно ќе биде сместен во еден од најпрестижните и најзначајни изложбени простори – Арсенале. Ова е исклучително битен момент за сите нас бидејќи покрај Џардини, Арсенале е епицентар на Биеналето! Оваа, 2025 година, покрај земјата домаќин, Република Италија, таа чест ја имаат само дваесетина држави од светот”, информираше Љутков.
Честитајќи им на авторите на проектот „Страда бруталисима”, на комесарите и на сите соработници, министерот Љутков изрази уверување дека со проектот „Страда бруталисима”, Република Македонија достојно ќе биде претставена на Биеналето на архитектурата во Венеција, со што, како што рече, ќе дадеме свој придонес кон размената на нови искуства, идеи и енергија на полето на архитектурата.
Професорот на Архитектонскиот факултет при УКИМ, кој е и дел од стручната комисија задолжена за избор на проектот, Јован Ивановски, на прес-конференцијата рече дека проектот соодветствува на условите и на критериумите за учество на Венециското биенале.
Авторот и куратор на проектот, д-р Благоја Бајковски, потенцираше дека „Страда бруталисима” ја става во фокус бруталистичката архитектура на Скопје, која е еден уникатен и парадигматски слој од постземјотресната историја на градот. Тој рече дека проектот не пристапува кон овој слој како носталгичен омаж на минатото, туку како кон динамичен извор на знаење, кое може да биде вткаено кон современата архитектонска дисциплина.
Директорката на Националната галерија, Маја Неделковска-Брзанова, рече дека Националната галерија го поддржа проектот од причини што тој става акцент на еден од најзначајните периоди во историјата на Скопје – реконструкцијата по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, и го претставува и го афирмира богатото архитектонско наследство на нашата земја.
Биеналето на архитектурата во Венеција, на тема „Интелигенција. Природна. Вештачка. Колективна.”, ќе се одржи од 10 мај до 23 ноември.