
Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е приведен во рамки на истрага што ја водат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Приведувањето е извршено по наредба на судија на претходна постапка.
-Во текот на вчерашниот ден МВР во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по наредба на судија на претходна постапка превзема дејствија во рамки на негова надлежност, при што лицето кое што го споменавте е приведено од страна на МВР, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на реконструираната полициска станица во Бутел.
Тошковски најави дека повеќе информации за случајот ќе бидат соопштени во најскоро време.
– Во текот на денешниот ден постапуваме во соработка со Јавното обвинителство, по нивни напатствија, така што во овој момент не би можел да издвојам повеќе детали во врска со овој предмет. Ќе следат за кратко информации во јавноста и од страна на МВР и од страна на ЈО, рече Тошковски.
Министерот посочи дека со заедничкото постапување на МВР и Јавното обвинителство се покажува дека е можно поинакво функционирање од досегашната пракса во борбата против криминалот и корупцијата. Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од август 2018 година до 23 август 2022 година, кога беше разрешен.
Државниот правобранител го назначува Владата, а институцијата е надлежна за заштита на имотните и другите права и интереси на државата. Во последниот период Стафа работеше како адвокат, а беше и меѓу пријавените кандидати на последниот јавен оглас на Собранието за избор на член на Судскиот совет.

