
Основното јавно обвинителство денес објави дека предметот за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е проширен со новоосомничениот Александар Нацев. Според обвинителите, Нацев се смета за фактичен сопственик и одговорно лице на агенцијата за обезбедување што во 2025 година нелегално работела во објектот без договор и без примена на основни безбедносни протоколи.

По судска наредба, биле извршени претреси на две адреси – во Скопје и во Пробиштип. При тоа се одземени обемна документација и електронски уреди, за кои Обвинителството очекува дека ќе помогнат во утврдување на фактите. Нацев е приведен, а обвинителите најавуваат поднесување на предлог за притвор пред Основниот кривичен суд во Кочани.
„Агенцијата за обезбедување, без склучен договор со дискотеката ‘Кабаре ПУЛС’, вршела незаконска дејност во текот на 2025 година. Осомничениот ја координирал работата на терен без потребна безбедносна проценка, план за евакуација или проценка на ризик од пожар. Во критичната вечер не беше воспоставена контрола на влезот, просторот беше пренатрупан, а дозволен беше и внес на пиротехника од музичкиот состав – што директно доведе до пожарот“, соопшти Обвинителството.
Во трагедијата загинаа 62 лица, 157 беа тешко, а уште 54 полесно повредени. Александар Нацев (Пробиштип) има долг ангажман во политиката и државните институции: од 2015 до 2017 година раководеше со Дирекцијата за заштита на класифицирани информации, беше портпарол на ВМРО‑ДПМНЕ, а денес е извршен директор на Центарот за безбедносни истражувања и професор на Факултетот за државна безбедност.
Обвинителството најави дека истрагата продолжува и може да биде проширена со нови инволвирани лица, додека јавноста сè уште очекува одговорност за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.