
Државјанин на САД бил лишен од слобода рано утринава во Тиквешко, откако одбил да приложи лична идентификација и нападнал полициски службеници, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес.
– Денеска во два часот кај наплатна станица Демир Капија, полициски службеници од ОВР – Неготино го лишиле од слобода Р.С., на возраст од 36 години од САД. При сообраќајна контрола, полициски службеници сопреле патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.С., кој дал на увид сообраќајна дозвола и возачка дозвола, но, одбил да приложи документ за лична идентификација, по што физички ги нападнал полициските службеници кои вршеле службени дејствија, појаснија од СВР – Велес.
За настанот бил известен јавен обвинител. По документирање на случајот, како што додадоа од СВР – Велес, ќе следува соодветна пријава.

