Skip to main content
Хроника

Притвор за две лица поврзани со запленетата марихуана во Србија

18/02/2026  15:25

По иницијатива на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на две лица им е изречена мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа. Тие претходно биле повикани на распит во својство на осомничени, а одлуката ја донел судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје.

Како резултат на преземените дејствија и анализата на прибраните информации и докази, постојат основи на сомнение дека лицата преземале активности поврзани со запленетите 5 тони марихуана во Република Србија, поради што јавниот обвинител достави образложен предлог за определување краткотраен притвор.

Барањето за определување на краткотрајниот притвор е со цел обезбедување на лицата и овозможување на доволно време на јавниот обвинител за преземање на неопходните процесни дејствија и донесување соодветна одлука за понатамошно постапување. Во вакви случаи, особено кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети со меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со интензивно постапување во предметот и јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек, согласно законските можности.