Skip to main content
Хроника

Притвор за 53-годишен дилер од Велес, продал кокаин за 50.000 евра

11/06/2025  21:36

Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

„Осомничениот 53-годишник, на 29 ноември 2024 година, неовластено продал 994,8 грама кокаин на лице од Велес. Дрогата се договориле да му ја продаде за 50.000 евра, од кои околу половина од сумата купувачот-сведок оставил на договорена локација пред преземањето на пратката.“, соопшти Обвинителството.

Кокаинот тогаш беше откриен при истрага и претрес во куќа на улицата „Петар Алчев” во Велес, каде се утврди дека еден осомничен преработувал кокаин и тоа од чист кокаин во крек кокаин, а уште две лица во тоа му помагале. Против тие осомничени веќе е изречена првостепена осудителна пресуда, а со дополнителни дејствија се утврди идентитетот и на лицето кое првично ја продало дрогата.

По предлог на јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Велес донесе решение со кое на осомничениот му определи мерка притвор.