Skip to main content
Балкан

Припадници на ЕППО и на УСКОК утринава упаднаа во хрватското МНР

08/04/2025  09:56

Припадници на Канцеларијата на Европското јавно обвинителство (ЕППО) во Загреб и Канцеларијата за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) во заедничка акција извршија упад во Министерството за надворешни работи и европски прашања, на чело со министерот Гордан Грлиќ Радман, каде што спроведуваат итни доказни дејствија поврзани со незаконско користење средства.  

ЕППО соопшти дека овие итни доказни дејствија, кои се спроведуваат во соработка со Полициската национална канцеларија за сузбивање корупција и организиран криминал (ПН УСКОК), доаѓаат по кривична истрага за можна злоупотреба на положбата и овластувањата во Министерството за надворешни и европски работи, во која се вклучени средства од Фондот за внатрешна безбедност (ИСФ) и хрватскиот државен буџет. 

Од Европското јавно обвинителство наведуваат дека по сослушувањето на осомничените ќе донесат одлука за понатамошно постапување во предметниот случај, за што навремено ќе ја информираат јавноста.  

Тие напоменуваат дека сите лица се сметаат за невини додека вината не биде докажана пред надлежните хрватски судови.  

ЕППО е независно јавно обвинителство на Европската унија и е одговорно за истрага, гонење и покренување обвинение за кривични дела против финансиските интереси на Унијата, се вели во соопштението.