
Британскиот принц Вилијам денеска, по повод својот роденден, ѝ го врачи Орденот на Британската империја (MBE) на 11-годишната Кармела Чилери-Ватсон, за која се верува дека е најмладата добитничка на ова престижно признание досега.
Кармела е наградена поради својот исклучителен придонес во хуманитарните активности. Иако боледува од редок облик на мускулна дистрофија што погодува едно од милион деца ширум светот, таа до сега организирала околу 25 хуманитарни кампањи, со кои собра повеќе од 400.000 фунти (приближно 460.000 евра) за организацијата Muscular Dystrophy UK, јавува GB News.
По церемонијата во замокот Виндзор, младата хуманитарка изјави дека признанието ја оставило „без зборови“.
„Никогаш не помислив дека ќе добијам MBE. Сакав само да направам нешто што може да му помогне на општеството. Ова е апсолутно неверојатно. Не би можела да замислам дека ќе ми се случи, дури ни за милион години“, изјави Кармела.
Таа додаде дека со принцот од Велс разговарала за своите активности и за средствата што ги собрала, истакнувајќи дека Вилијам бил „многу љубезен“.
Британската влада соопшти дека се верува оти Кармела е најмладата добитничка на Орденот на Британската империја, но напомена дека не се достапни сите историски податоци за тоа со апсолутна сигурност да се потврди.
