
Согласно препораката од Министерството за култура и туризам, а на официјално барање од страна на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, по извршениот формален инспекциски надзор и констатирање на серија фактички недоследности и отстапки од официјално пропишаните елементарни норми и стадарди за безбедно и непречено функционирање на една јавна институција, согласно член 141д. алинеа 2,3 и 4 од Законот за заштита и спасување, со усно врачено решение се забранува користење на објектот Народен театар „Војдан Черодрински“ – Прилеп, како објект за масовни приредби, известуваат од прилепскиот театар.
Тоа значи дека Народниот театар „Војдан Черондрински“ – Прилеп на неопределено време се става надвор од употреба за секаков вид на официјални театарски поставки, настани и случувања кои подразбираат масовно присуство на публика во организација на самиот театар.
Следствено, тоа подразбира дека сите премиери, театарски постави и други слични настани од масовен карактер се одложуваат на неодредено време, велат од Народен театар ,,Војдан Чернодрински“.
Прилепскиот театар, во очекување на официјалната формална писмена забрана за јавни настани од масовен карактер на публика, ја известува јавноста дека тековните активности за подготовки на претстојни премиери, како и актуелните проби на актерскиот ансамбл, остануваат во редовно дејство и ангажман.
„Театарот и Центарот за култура својата смисла на постоење ја гледаат и доживуваат само во нормална и непречена интеракција со публиката. Поради тоа, театарот и центарот за култура се држат до оптималните услови за сечија целокупна безбедност, одговорност и непречено доживување и искуство на културно-уметничките содржини“, нагласија од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп и НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп во објавата на социјалните мрежи.