
Полицијата откри дека 36-годишната жена од Прилеп, за која нејзиниот сопруг пријавил исчезнување на 25 јули, всушност се обидела да ја напушти државата само неколку часа подоцна на 26 јули, околу 4 часот изутрина, кога била фатена на граничниот премин Табановце при обид да излезе од Македонија.

Л.И. (36) од Прилеп, според пријавата на нејзиниот сопруг С.Ќ. (48), го напуштила семејниот дом уште на 18 јули заедно со нивниот 17-годишен син. Но, причините зошто сопругот го пријавил нивното исчезнување дури седум дена подоцна, остануваат нејасни, што дополнително ја зголемува мистеријата околу овој случај.
Иако жената е лоцирана при гранична проверка, засега нема информација од МВР каде се наоѓа нивниот малолетен син и дали тој бил со неа при обидот да ја напушти земјата. Истражителите се соочуваат со уште едно важно прашање, каде биле мајката и синот во периодот меѓу 18 и 26 јули, кога таа за последен пат видена и кога била запрена на граница.
Од Министерството за внатрешни работи засега не откриваат повеќе детали, освен дека се преземаат интензивни мерки за расчистување на целиот случај.