Skip to main content
Култура

„Приказната за Силјан“ не влезе во 15те филмови за Оскар

16/12/2025  20:51

Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука денес ја објави листата на потесен избор на филмови кои ја продолжуваат трката сè до последните финални номинации кои ќе се објават на 22 јануари 2026 година. “Приказната за Силјан” не влезе во најдобрите 15 документарни филмови според гласачите на Академијата, иако според сите предикции важеше за кандидат за Оскар. “Среќна сум поради тоа што една македонска приказна одекна во светот, и поради поддршката што ја добиваме јас и филмот од целата нација. „Силјан“ станува значаен и гласен, а тоа е најдлабоката поента на едно филмско дело.” – изјави Котевска.

Оваа година имаше убедливо најголема конкуренција за документарни филмови, категорија од 201 филм, каде освен пандемиската година кога имаше 238, период кога се дозволија и доста отстапки: рокот за пријавување се растегна од 12 на 14 месеци и се земаа предвид и филмови кои не беа прикажани во кино, оваа година беше најплодна година на документарниот филм. Денес се објавија и тесниот избор на филмови за најдобар странски филм, каде се квалификуваа вкупно 86, како и листата за најдобар анимиран филм, каде имаше конкуренција од вкупно 35 филмови.

“Приказната за Силјан” на Тамара Котевска беше квалификуван во две категории: најдобар странски филм и најдобар документарец. Филмот го откупи National Geographic, и до сега доби голем број значајни и релевантни награди и номинации на фестивалот во Венеција, NYDOC, IDA, Spirit, PGA Award, Eye Cinema Audience Award и ред други. Македонската кампања за Оскари во категоријата најдобар странски филм е поддржана од страна на Агенцијата за филм на РСМ. Филмот продолжува да си го живее својот пат во кино салите.