
По повод Светскиот ден на здравјето, кој годинава се одбележува под мотото „Заедно за здравје – застани зад науката”, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во партнерство со Општина Центар на 6 април организираше бесплатни превентивни прегледи и здравствени консултации, со цел да ја доближи превентивната здравствена заштита до граѓаните и да укаже на потребата од нејзино системско унапредување.
Во рамки на настанот, граѓаните имаа можност бесплатно да користат:
- мерење на крвен притисок и гликоза во крвта,
- советување и консултации со гинеколог,
- советување и консултации со ортопед,
- советување и консултации со дерматолог,
- советување и консултации со инфектолог.
Со оваа иницијатива, ХЕРА и Општина Центар директно придонесуваат кон зголемување на пристапноста до превентивни услуги и поттикнување на граѓаните да преземат активна грижа за сопственото здравје.
Овогодинешното мото „Заедно за здравје – застани зад науката” ја нагласува потребата здравствените политики да се темелат на докази, но и тие докази да се преточат во конкретни, достапни и праведни услуги за сите граѓани. Тоа подразбира зголемени инвестиции во превенција, подобра географска распределба на здравствените услуги и систем кој активно ги адресира нееднаквостите.
Иако превенцијата е клучен сегмент на здравствениот систем, податоците од анализите на граѓанските организации покажуваат дека пристапот до овие услуги останува сериозно ограничен.
Податоците од анализите укажуваат на сериозни слабости во пристапот до превентивни услуги:
- 80% од жените платиле за гинеколошки услуги кои треба да бидат бесплатни;
- само околу 15% од жените се опфатени со скрининг за рак на грлото на матката во тригодишен период, наместо потребните 75%;
- 92% од жените Ромки не се информирани дека имаат право на бесплатен гинеколошки преглед;
- пристапот до ХИВ тестирање е значително поефикасен преку граѓанските организации: 1 позитивен случај на 150 тестирања, наспроти 1 на 1150 во здравствените установи.
Иако постојат превентивни програми, нивната примена во пракса останува ограничена поради недоволно финансирање, слаба достапност и недоволна информираност, што особено ги погодува ранливите групи и жените од руралните средини.
Превенцијата не смее да биде повремена активност, туку континуирана и достапна услуга за сите. Само преку навремена грижа, информираност и еднаков пристап до здравствени услуги може да се намалат здравствените ризици и да се обезбеди подобар квалитет на живот.

