Skip to main content
Култура

Претставена програмата за ,,Вевчански карневал 2026”

09/01/2026  14:46

По повод одржувањето на „Вевчанскиот карневал 2026“, денес се одржа прес-конференција . На настанот беше презентирана програмата за карневалските денови од 12 до 14 јануари 2026 година, музичките изведувачи кои ќе настапат во двете вечери, како и деталите поврзани со организацијата, безбедноста и очекуваниот број посетители.

ПР-от Антонио Димитриевски се осврна на значењето и долговечноста на Вевчанскиот карневал, нагласувајќи дека станува збор за манифестација која претставува спој на пагански обичаи и христијанската религија, исполнета со современа сатира и автентичен македонски дух.

Тој ја истакна и важноста на медиумското присуство за промоција на ова заштитено нематеријално културно наследство. Градоначалникот Спасе Кочоски ги покани граѓаните и медиумите да присуствуваат на „Вевчанскиот карневал 2026“, потенцирајќи дека василичарските маски не служат само за исмевање на негативните појави во општеството, туку и за симболично прочистување од насобраната негативна енергија и започнување на новата година со чист дух и отворено срце.

Дарко Масларковски ја претстави музичката програма и зборуваше за традицијата на карневалот, истакнувајќи дека преку маските, како онаа на Глупи Август, може да се заклучи дека карневалот има корени постари од 2.000 години, што сведочи за вековната потреба преку хумор и сатира да се критикуваат негативните општествени појави.