
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, е именуван за член на Олимпискиот фудбалски комитет на Меѓународната фудбалска феерација (ФИФА).
Комитетот, кој работи под покровителство на Советот на ФИФА, има задача да го унапредува и координира развојот на фудбалот во рамки на Олимписките игри и да соработува со Меѓународниот олимписки комитет во сите прашања поврзани со олимпискиот фудбал.
Паралелно со ова, генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски, е именуван за член на Комисијата за медиуми и комуникации на ФИФА, која има за цел да ги развива и унапредува стратешките насоки на светската фудбалска федерација во областа на медиумите, дигиталната комуникација и односите со јавноста.
Именувањето на претседателот на ФФМ, Омерагиќ и првиот оперативец во „Куќа на фудбалот“, Јандреоски претставува признание за македонскиот фудбал и за ФФМ, потврдувајќи го угледот на земјата во рамки на ФИФА, соопшти попладнево ФФМ.

