
Вчера, на 5 јули 2025 година во 21.15 часот, 43-годишниот Ј.К. од тетовското село Голема Речица пријавил сериозен инцидент во Секторот за внатрешни работи Тетово. Според пријавата, истиот ден околу 17.30 часот, на подрачјето на Петровец, Скопско, бил нападнат и ограбен од две машки лица, веднаш по договорена средба со негова пријателка од Куманово.

Како што наведува Ј.К., додека ја чекал пријателката, бил пресретнат од патничко возило во кое се наоѓале две машки лица, од кои едното било вооружено со огнено оружје. Под закана, му одзеле парични средства и мобилен телефон, по што се оддалечиле во непознат правец.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификување на сторителите.
Истражните органи работат на утврдување на мотивите и евентуалната поврзаност на пријателката со настанот, како и на обезбедување на дополнителни докази преку преглед на безбедносни камери и изјави од сведоци.