
Најновата премиера во театарот во Копер, Словенија, која ќе биде изведена на 13.март, е со наслов „Да се живее!“, заедничко име за Чеховите едночинки „Мечка“ и „Трагичар по неволја“, чиј режисер, композитор и сценограф е Марјан Неќак. Уште еден битолчанец е дел од претставата, костимографот Благој Мицевски. Со „Да се живее!“, Чехов по 16 години повторно е на сцената на овој театар.
„ Мислам дека оваа претстава е многу важна за младите луѓе, бидејќи Чехов пишува за луѓе кои се обидуваат да живеат, исто како сите ние. Јас ја гледам како две епизоди од серија што младите ја гледаат денес, освен што Чехов ги напишал пред да постои Нетфликс. Двете приказни се различни, но постојат многу врски меѓу нив. Луѓето се обидуваат да живеат“, истакна режисерот.
Во овој театар Неќак како режисер и автор на музиката работеше на „Лепа Вида“, „Наша фамилија“ и сл..Тој не го гледа Чехов како музејска вредност, туку како жив, современ автор кој ја дијагностицира човечката ранливост со неверојатна прецизност: „Во „Мечката“ , следиме двајца луѓе заробени во сопствените одбранбени механизми, додека во „Трагичар по неволја“, набљудуваме поединец кој се крши под тежината на апсурдот и баналноста на секојдневниот живот. „Овие едночинки не се фиктивни драми, тие се нашето секојдневие – само без маски“, додава режисерот.
Привлечноста и предизвикот на едночинките се во нивниот структурно отворен простор, во кој како автор Неќак може активно да ја обликува сценската поставка.
„Нивната згуснатост не ја доживувам како ограничување, туку како можност драматуршките празнини да ги надградам со сценски средства: со начинот на игра, со третманот на тишината, со односот меѓу телото и просторот и, секако, со музиката која ги нагласува контрастите, иронијата или емоционалната динамика. Кратката драмска форма во секој момент – било да станува збор за дијалог или пауза – бара напнатост и интензитет, затоа што само така може да се создаде повеќеслојно сценско искуство. Повеќе од толкувањето на ликовите преку текстот, ме привлекува метапросторот во кој звучните мотиви и музичката структура им даваат дополнителни значења на конфликтите и односите. Само комбинацијата на формална згуснатост и отвореност за интерпретација може од едночинката да создаде трајно инспиративно и за музичко-сценска реализација предизвикувачко дело“, вели режисерот.
Тој на прес конференцијата нагласи дека креативниот процес бил интензивен, но во исто време и инспиративен. „ Овој процес беше еден од моите најубави, бидејќи во секој поглед улогите се напишани за актерите“.
Кореографка на претставата е Ања Модерндорфер, автор на видеото Марин Лукановиќ. Во претставата настапуваат членовите на ансамблот на театарот: Рок Матек и Лука Цимприч, како и гостинката, актерката од театарот во Нова Горица, Патриција Јуринчич Финжгар.
Ова не е прв пат Неќак да работи дело од Чехов, тука се и: како автор на музиката во Љубљанската Драма ја потпишува поставката на „Иванов“, а во Народниот театар во Битола исто така „Иванов“ и „Вишновата градина“. Режисерот ја дефинира продукцијата како музички театар. Тој нагласува дека е важно и младата и постарата публика да ја видат претставата. „Да се живее!“ за него значи да се истрае. И токму во таа истрајност двете едночинки ја наоѓаат својата заедничка точка.

