Skip to main content
Економија

Предлог-одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници во собраниската Комисија за финансирање и на пленарна седница

18/06/2025  10:21

Предлог-одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2025 година денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет и на пленарна седница.

– Целта на предложената одлука е обезбедување дополнителни средства во износ од околу 600 милиони денари наменети за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, согласно објавениот повик и утврдени критериуми од страна на надлежните министерства, како и 242,3 милиони денари реалокација од Министерство за економија и труд во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а наменети за исплата кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси, образложува Владата во Предлог-одлуката.

Со Предлог-одлуката, се кратат средства од Потпрограма Д5 на Владата – Привлекување на странски директни инвестиции и развој на слободната економска зона, односно Ставката 464 – Разни трансфери за 583.601.000 денари и кај Министерството за економија и труд, во Потпрограма 60 – Развој на политики од областа на трудово право, социјална заштита и вработување, Ставката 464 – Разни трансфери за 242.264.000 денари.

Воедно се предлага зголемување на средства кај Министерството за социјална политика, демографија и млади, во Потпрограма 50 – Надоместоци за социјална заштита, Ставката 464 – Разни трансфери за 242.264.000 денари, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 100.000.000 денари, во Министерство за образование и наука, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 361.185.000 денари, кај Министерство за спорт, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, Ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 62.416.000 денари, како и кај Финансирање на дејностите од областа на културата, во Потпрограма АА – Инфраструктурни проекти во општините, ставката 488 – Капитални дотации до ЕЛС за 60.000.000 денари.