Skip to main content
Македонија

Предлог-измените на Законот за локална самоуправа на Комисијата за локална самоуправа 

20/05/2025  08:45

Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа во второ читање е на дневен ред на собраниската Комисија за локална самоуправа.

Со  измените се предлага преку референдум отповикување на градоначалник и воведување на т.н. комунална полиција на ниво на општина. Клучните измени се однесуваат на транспаретноста и отчетноста на градоначалниците, советите и службите во општините, а се насочени и кон спречувањето на корупцијата и дигитализацијата на општините услуги.

За Предлог-законот за локална самоуправа се поднесени вкупно 17 амандмани од овластени предлагачи.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински при образложувањето на собраниската Комисија за локална самоуправа одржана на 14 мај, информира дека измените се направени низ инклузивен процес, а во изработката билe вклучени домашни и меѓународни експерти.

-Како основа во процесот на креирање на решенијата го земаме извештајот на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2019 година насловен како Извештај за отповикување на градоначалници и локални избрани претставници. Овој документ којшто е усвоен на 65-та седница на Советот за демократски избори и на 119. пленарна сесија на Комисијата претставува релевантен документ со стандарди кои го одразуваат европскиот пристап кон прашањето за локалната демократија. Токму ова е еден од најголемите предизвици на актуелното законско решение, а тоа е отсуството на механизам за отчетност на градоначалниците. Иако тие се избираат директно од граѓаните, актуелниот закон не предвидува начин за покренување на постапка за нивна доверба или отповикување пред завршување на нивиот мандат, рече Перински пред членовите на Комисијата за локална самоуправа.

Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа е како единствена точка на дневниот ред и на собраниската  Законодавно правна комисија.