
По класификацијата на Светската здравствена организација (СЗО) дека аспартамот, еден од најчесто користените вештачки засладувачи, е „можеби канцероген за луѓето“, група организации покренаа петиција за негова забрана.
Меѓународната организација Foodwatch, Француската лига против ракот и компанијата Yuka ја упатија петицијата до Европската комисија и земјите-членки на ЕУ, барајќи итно отстранување на аспартамот од прехранбените производи.
„Овој адитив нема место во нашата храна“
Според претставничката на Foodwatch, Натача Чинготи, европските институции и влади не реагирале соодветно во последната година и пол.
„Адитив со толку многу потенцијални ризици нема место во нашата храна и пијалоци. Европските носители на одлуки мора да преземат мерки за да не заштитат“, изјави Чинготи за Euronews.
Според иницијаторите на петицијата, аспартамот е присутен во повеќе од 2.500 производи во Европа, особено во безалкохолни пијалоци без шеќер како што се Coca-Cola Zero, Pepsi Max и Sprite Zero.
Потрошувачите како двигатели на промените
Foodwatch соработува со апликацијата Yuka, која ги скенира бар-кодовите на храната и козметичките производи и го проценува нивното влијание врз здравјето.
„Дури 95% од корисниците на Yuka престанале да купуваат производи што содржат контроверзни адитиви благодарение на апликацијата“, изјави Џули Чапон, извршен директор на Yuka.
Апликацијата, која има 45 милиони корисници во Европа, сега има цел да ги поттикне потрошувачите да станат клучен фактор во барањето за забрана на аспартамот.
Европејците ја поддржуваат забраната
Според истражување на Foodwatch во седум европски земји:
• 40% од Европејците редовно консумираат производи со аспартам,
• Најголема потрошувачка е забележана во Шпанија, Белгија и Холандија,
• Мнозинството граѓани во сите испитани земји ја поддржуваат забраната додека не се докаже безбедноста на овој засладувач.
Што велат научниците?
Во јули 2023 година, Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која е дел од СЗО, го класифицираше аспартамот како „можеби канцероген за луѓето“.
Оваа класификација се темели на ограничени докази кои го поврзуваат аспартамот со рак кај луѓето и животните, особено со рак на црниот дроб.
IARC препорачува дневната доза на аспартам да не надминува 40 mg на килограм телесна тежина, што за возрасен од 70 килограми би значело околу 12 лименки пијалок без шеќер дневно.
Дали Европската комисија ќе реагира на оваа петиција и ќе го забрани аспартамот, останува да се види.