Skip to main content
Свет

Пред велигденското примирје, Русија и Украина ослободија по 175 воени заробеници

11/04/2026  15:54

Русија и Украина ослободија по 175 воени заробеници пред почетокот на планираното велигденско примирје, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва.

„Дополнително се вратени седум граѓани на Руската Федерација кои нелегално ги држеше киевскиот режим“, соопшти министерството, заблагодарувајќи им се на Обединетите Арапски Емирати за посредувањето во размената на заробеници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски набргу потоа ја потврди веста за размената.

„175 војници. Војници на вооружените сили, припадници на Националната гарда, граничари. Војници, подофицери и офицери. И седум цивили“, објави тој на Телеграм.

„Нашите војници ја бранеа Украина на различни фронтови: во Мариупол, во нуклеарната електрана во Чернобил, во Донецката, Луганската, Харковската, Херсонската, Запорожската, Сумската, Киевската и Курската област“, изјави Зеленски. „Меѓу нив има и ранети. Повеќето се во заробеништво од 2022 година. И конечно се дома.“

Примирје во траење од 32 часа треба да започне во 16 часот за христијаните во Украина и Русија да можат да го прослават православниот Велигден.

Двете страни редовно разменуваат заробеници, но и тела на загинати војници за време на војната, која трае повеќе од четири години.