Skip to main content
Македонија

Православните христијани го слават Бадник

06/01/2026  08:34

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Според најавите од организаторите, како и минатата година, делењето бадникови гранчиња ќе се одвива во дворот на Храмот од страната на булеварите „Партизански одреди“ и  „Св. Климент Охридски“.

Кум на годинашното одбележување е бизнисменот Зоран Кондратенко, а здравичар е музичарот Јаков Дренковски. 

По осветувањето на гранчињата, подигањето на Бадникарското знаме и исполнувањето на Бадниковата химна, кумот Кондратенко и здравичарот Дренковски, заедно со претставници на Одборот ќе го посетат Домот за стари лица во Злокуќани при што ќе врачат пригодни подароци на штитениците за да им ја доловат атмосферата во пресрет на големиот христијански празник Божик и заедно со сограѓаните и персоналот да ги споделат радоста и среќата што ги носи претстојниот голем празник.

Новиот кум и здравичар по престојот во Злокуќани ќе се упатат кон Соборниот храм, каде претходно со пајтон ќе пристигнат минатогодишниот кум Раде Макеларски и здравичарот Атанас Петров. Потоа во присуство на поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан и свештенослужители ќе се одвива чинот на предавањето на Бадникарскиот ќуп на новите кумови, по што ќе се обрати поглаварот на МПЦ и ќе се освети погачата. 

По завршувањето на церемонијата новиот кум со ќупот заедно со здравичарот со пајтон ќе го напуштат храмот „Свети Климент Охридски“ и ќе се упатат кон своите домови.