
Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски синоќа бил киднапиран во Белград по настап во познат ноќен клуб, а неговиот тим преку официјалната Фејсбук страница потврди дека инцидентот навистина се случил. Според соопштението на ПР тимот, пејачот е во добра здравствена состојба и по неколкучасовен престој во полиција се вратил дома.
Како што се наведува, по настапот во близина на Бетон Хол, Кајмакоски бил пресретнат од две лица, за кои се претпоставува дека се странски државјани. Под закана со оружје бил принуден да влезе во автомобил, по што напаѓачите барале од него 20.000 евра.
„Разговарав со Даниел пред кратко време, тој е добро. По ноќта помината во полиција, сега е дома“, се наведува во објавата на неговиот тим, додавајќи дека полицијата трага по непознатите сторители кои го врзале и го возеле во неговиот автомобил.
Според информациите, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие изгубиле контрола и удриле во насип, по што го напуштиле автомобилот и избегале во непознат правец, оставајќи го пејачот врзан во возилото. По инцидентот, Кајмакоски неколку часа бил задржан во полициска станица за да даде изјава.
Менаџерката за односи со јавноста, Миланка Рашиќ, истакна дека пејачот е смирен, но дека во интерес на истрагата нема да дава јавни изјави. Таа додаде дека Кајмакоски се соочил со ситуацијата смирено и храбро, но дека по настанот му е потребен мир.
Веста за киднапирањето предизвика силни реакции во јавноста и го потресе семејството на пејачот, а неговата мајка, Ружа Кајмакоска, исто така се обрати до медиумите.
Српските медиуми објавија дека во потерата учествувале повеќе единици на Министерството за внатрешни работи на Србија, меѓу кои УКП, САЈ и Жандармеријата. Полициската акција започнала на улицата Караѓорѓева во Белград, кога возачот на бел „Волво XC60“ не ја послушал полициската наредба за запирање и започнал бегство низ градот и по автопатот Белград–Шид.
Според изјави пренесени од српските медиуми, потерата траела десетици километри, а завршила кај Рума, каде што киднаперите го напуштиле возилото и избегале преку поле.
Неофицијално, напаѓачите зборувале на англиски и турски јазик, а се претпоставува дека имале информација за движењето на пејачот по настапот. Полицијата продолжува со истрагата и потрагата по сторителите, додека јавноста очекува дополнителни детали за случајот кој ја потресе регионалната естрада.

