Skip to main content
Македонија

ПР-менаџерот на ДНК во судница: Хонорарите во дискотеките со години се исплаќаа „на рака“

05/03/2026  15:44

Васко Спасовски, ПР-менаџер на групата ДНК во последните три до четири години, денеска сведочеше за случувањата поврзани со дискотеката „Пулс“.

Во своето сведочење тој изјави дека во критичната ноќ не бил во Кочани. Како што посочи, околу четири часот наутро бил разбуден од скриншот од објава на социјалните мрежи во која било наведено дека избувнал пожар во дискотеката. По информацијата се обидел да стапи во контакт со членовите на групата Панчо и Андреј, но едниот бил недостапен, додека другиот не одговарал на повиците.

Спасовски во сведочењето се осврна и на начинот на ангажирање на естрадните уметници, посочувајќи дека со години сопствениците на дискотеки исплаќале хонорари „на рака“. Според него, поради тоа голем број пејачи немаат регулирано пензиско и здравствено осигурување. Тој додаде дека не се сеќава некогаш да излегол од дискотеката „Пулс“ со формален договор за настап.

Тој истакна и дека не бил задолжен за организација на сценскиот настап на групата ДНК. Во однос на пиротехниката рече дека имал сознанија дека таа била набавена од продавница во скопската населба Кисела Вода и дека најверојатно ја активирал битбоксерот Мартин Буцо.

На прашање дали Мартин бил цело време на сцената за време на настапите на ДНК, Спасовски рече дека имал кратка точка од една до две минути, некаде на средината на концертот. По изведбата се симнувал од сцената и имал други задолженија, како подавање вода, снимање видеа и слично.

Обвинителот побара да појасни и некоја физичка особеност на Мартин Буцо.

„Не знам како да го кажам тоа. Беше прилично воспитано и културно дете. Во говорот пелтечеше. Беше поспор, потрапав, не знам како да опишам. Сите во бендот го сакаа. Беше најмлад“, изјави сведокот, додавајќи дека Буцо најчесто патувал со Панчо бидејќи живееле блиску.

Спасовски посочи дека никогаш не организирал настапи во „Пулс“, но бил таму со други изведувачи, меѓу кои и Влатко Лозановски. За организацијата во дискотеката, според него, бил задолжен Дејан Јованов – Деко.

„Ние, букинг-менаџерите, не ги организираме настапите. На пример, ми се јавуваат дали е слободен Влатко или Тамара за тој ден, се договараме за цена, праќаме слики и промоматеријал за дискотеката да објави. Јас организирам доаѓање на пејачот на местото каде што нѐ викаат. За ‘Пулс’ сум комуницирал со Дејан Јованов или се случувало да ми се јави и неговиот син Михајло“, рече сведокот.

Тој додаде дека Дејан Јованов Деко не му понудил писмен договор за обврски и права во врска со настапот.

На прашање од бранителката на првообвинетиот дали е вообичаено да не се склучуваат договори за настапи на бендови, Спасовски рече дека има случаи кога се склучувале, но генерално тоа не било практика. Воедно нагласи дека договарањето на гостувањето на ДНК со Дејан Јованов не подразбирало и договарање на сценскиот настап.

На вкрстено прашање од одбраната дали безбедноста е одговорност на бендот или на сопственикот на објектот каде што настапуваат, Спасовски рече дека одговорноста е кај оној што ги поканува изведувачите.

„Јас не можам да знам дали вашата куќа е од пластелин, од картон или од дрво“, изјави тој.

На прашањето дали на настапи на Влатко Лозановски, Тамара Тодевска и Наум Петрески – изведувачи чиј менаџер е – досега се користела пиротехника во затворен простор, тој одговори дека не. На дополнително прашање дали само ДНК користела пиротехника во затворен простор, Спасовски потврди дека тоа било случај.

Адвокатка му предочи дел од неговата изјава дадена во Јавното обвинителство, во која навел дека Денис му кажал дека неговата улога за пиротехника ја презел Мартин, додека во судницата изјави дека не е сигурен и претпоставува дека тоа било така.

На прашањето кој исказ е точен, сведокот одговори дека изјавата дадена во Јавното обвинителство била поблиску до времето на трагедијата, па најверојатно таа е точна.