Skip to main content
Скопје

Познато е кога ќе биде официјално отворено „Македонско село“

11/06/2025  16:14

„Македонско село“ на 19 овој месец и официјално ќе биде предадено на фирмата „Ла Тераца“, која Службата за општи и заеднички работи при Владата ја избра за концесионер на комплексот.

Директорот на оваа служба, Ивица Томовски за весникот ВЕЧЕР изјави дека примопредавањето ќе се случи во 11 часот, во присуство на претставници од Владата, кое би траело час, најмногу до час и половина, а ќе има и официјална покана.

-На 23 или 24 овој месец, концесионерот „Ла Тераца“ ќе направи големо отворање. Инаку, работите околу подготовките на комплексот се во завршна фаза. Куќарките комплетно се подготвени, сега се уредува надворешниот дел – објасни Томовски.

Тој нагласи дека на почеток, комплексот нема да може да работи со полн капацитет, но оти до крајот на месецот целосно ќе биде на располагање на посетителите.

На овој начин по седум години запуштеност, „Македонско село“ повторно ќе заживее. Комплексот повторно ќе стане центар на културата, автентичната архитектура и македонска традиција и наскоро ќе се врати на туристичката и културната мапа на Македонија.

Инаку, фирмата „Ла Тераца“ се занимава со туризам и угостителство и со комплексот „Македонско село“ ќе стопанисува наредните 15 години, a месечно ќе плаќа 210.000 денари. Фирмата – концесионер беше избрана на законски и транспарентен начин, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.

Извор: Вечер