Skip to main content
Спорт

Познати полуфиналистите во Лигата на нации

24/03/2025  10:24

Домаќинот Германија, Португалија, Франција и Шпанија ќе настапат на завршниот турнир во фудбалската Лига на нации што од 4 до 8 јуни ќе се одржи во Минхен и Штутгарт.

Откако Германија ја совлада Италија со 2-1 во првиот четвртфинален натпревар на „Сан Сиро“ во Милано, реваншот синоќа во Дортмунд заврши 3-3.

Противник на Германија во полуфиналето ќе биде Португалија, која по продолженија ја совлада Данска со 5-2, откако загуби со 0-1 во Копенхаген.

Во Валенсија, репрезентациите на Шпанија и Холандија одиграа одличен натпревар, кој по 90 минути заврши со идентични 2-2, како и првиот дуел. По двете продолженија резултатот беше 3-3, а Шпанија обезбеди пласман во полуфиналето изведувањето пенали.

На идентичен начин место во фајнлфорот обезбеди и Франција, која во Париз ја совлада Хрватска со 2-0, резултат со кој загуби на првиот натпревар во Сплит.

Првото полуфинале меѓу Германија и Португалија ќе се игра на 4 јуни во Минхен, додека втората полуфинална пресметка меѓу Шпанија и Франција е два дена подоцна во Штутгарт.

Натпреварот за третото место е на 8 јуни во Штутгарт, а финалето е истиот ден во Минхен.