
Потврден е идентитетот на македонскиот државјанин кој беше убиен во јужноамериканската држава Боливија заедно со уште двајца српски државјани, во настан што регионалните медиуми го опишуваат како брутална мафијашка ликвидација поврзана со меѓународна трговија со кокаин.
Според информациите објавени од српските медиуми, жртвата од Македонија е 43-годишниот Дејанчо Лазаревски од Струмица, познат во подземјето под прекарот „Македонец“. Покрај него, убиени се и Миљан Ѓекиќ (38) од Ниш, познат како „Итри“, и уште едно лице чии податоци засега не се потврдени, а за кое се сомнева дека користело фалсификувани документи.
Телата на тројцата мажи биле пронајдени завиткани во црни најлонски кеси. Истражните органи во Боливија се сомневаат дека биле мачени пред да бидат застрелани, што укажува на пресметка во кругови на организиран криминал. Според првичните сознанија, тројцата жртви подолг период престојувале во Боливија и имале врски со таканаречениот „балкански картел“, мрежа која контролира дел од шверцот со кокаин од Јужна Америка кон Европа.
Извор од Ниш за српските медиуми вели дека веста за убиството брзо се проширила во криминалната средина. „Целото подземје зборува за ова од утрово. Се знае дека едниот е Миљан Ѓ., другиот Дејанчо Л., а третиот е познат како ‘Мали Коста’“, изјавил соговорникот, додавајќи дека деталите за ликвидацијата сè уште не се целосно познати.
Телата се испратени на обдукција, а боливиската полиција во соработка со меѓународни служби ја продолжува истрагата за да го утврди мотивот, организаторите и точната улога на жртвите во глобалната криминална мрежа.