Skip to main content
Балкан

Пожарникарите се борат со пожарите во Грција веќе трет ден по ред

24/06/2025  19:09

Пожарникари се борат со пожарите на грчкиот остров Хиос трет ден по ред. Пожарите опустошија големи површини шума и обработливо земјиште и принудија стотици жители да се евакуираат, откако на островот беше прогласена вонредна состојба.

Како што пишува „Ројтерс“, повеќе од 400 пожарникари, со помош на 14 хеликоптери и четири авиони, се распоредени на неколку локации на островот во североисточниот дел на Егејското Море.

Хиос моментално е во средината на туристичката сезона, а властите се обидуваат да спречат пожари да ги зафатат областите познати по производството на мастика, природна смола добиена од мастикови дрвја.

Пожарникарите, жителите и волонтерите се бореа да го спречат ширењето на пожарот кон селото Агиос Ѓорѓиос Сикусис.

„Пожарот се приближи до куќите“, изјави за „Ројтерс“ локалниот жител Стаматис Зеонидис, но додаде дека волонтерите успеале да го држат пожарот настрана.

„Ситуацијата е многу тешка, има многу отворени фронтови и многу села“, рече волонтерот Андонис Микудис. „Ги напуштивме нашите работни места за да дојдеме тука. Веруваме дека ќе успееме да направиме нешто.“

„Сцените беа застрашувачки“, рече друг волонтер, Јоанис Псилос. „Но, фала му на Бога, сè ќе биде во ред и пожарот нема да се прошири подалеку јужно од Хиос.“

Грчките власти денес издадоа ново предупредување, советувајќи ги жителите на селата југозападно од Хиос, главниот град на островот, да ги напуштат своите домови.