Skip to main content
Магазин

Повремената омраза е нормална појава – ако си го признаеме, ќе може да управуваме со тоа чувство

16/02/2026  22:10

Омраза кон блиските – оваа тема е генерално одбивна за многумина, но е клучна за разбирање на меѓучовечките односи. Лутината кон родителите, децата или партнерот е чувство што им е општо позната на луѓето. Имено, љубовта и омразата често се јавуваат заедно, особено во блиските односи. Иако понекогаш е тешко да се признае тоа, омразата кон личност која ни е блиска е природен и чест феномен. И Доналд Виникот – светски познат психоаналитичар од Велика Британија, се осврнува на оваа тема.

– Кога моите клиенти изразуваат лутина кон своите родители, често го користам зборот „омраза“ за да им дозволам отворено да ги признаат своите чувства. Истото важи и за родителите кон децата или за односите со партнерите. Човечки е, се случува. Целта не е деструктивно да се изразат овие чувства, туку да станеме свесни за тоа што навистина чувствуваме, вели д-р Виникот.

Спротивноста на љубовта не е омразата, туку рамнодушноста. Омразата е составен дел од љубовта – нејзината друга страна. Тие одат рамо-до-рамо, а чистата, идеализирана љубов, без никакво присуство на агресија или лутина, практично не постои во вистинскиот живот, пишува српска „Политика“.

Луѓето што ги сакаме амбивалентно си ги искусуваат чувствата – љубовта и омразата. Колку што некој ни е поблизок, толку се амбивалентни и поинтензивни чувствата. Ако не ја препознаеме оваа амбивалентност или не научиме да ја толерираме, се вели, ќе се јави тенденција да ги идеализираме или да ги демонизираме нашите најблиски – зависно од мигот и околностите. Способноста да ги препознаеме и прифатиме амбивалентните чувства ни овозможува пореално да ги доживуваме односите и животот воопшто.

Дозволувајќи си да ја признаеме омразата, ги ослободуваме и намалуваме симптомите што се јавуваат кога овие чувства се потиснати. Мајките на новороденчиња често доживуваат олеснување кога ќе сфатат дека не е невообичаено понекогаш да не можат да го толерираат сопственото дете. Партнерите кои размислуваат да ја прекинат врската чувствуваат олеснување кога си признаваат дека е нормално понекогаш да го мразат својот партнер. Децата, па дури и возрасните, честопати се ослободуваат од ужасен товар на вина кога признаваат во безбедна средина дека понекогаш чувствуваат омраза кон своите родители, додава стручњакот.

Признавањето на омразата не значи дека таа ќе доминира или дека љубовта ќе исчезне. Напротив, тоа ѝ овозможува на љубовта да преовладува на пореален начин. Потиснувањето, негирањето или разделувањето на чувствата доведува до голем број психолошки тешкотии. Партнерите често се чувствуваат фрустрирани, но кога им е дозволено да зборуваат за тоа, тензијата се намалува. Оние кои не можат да го признаат својот гнев понекогаш стануваат склони кон контрола, преокупирани со партнерот и врската. Ова води до деструктивни конфликти и натамошно отуѓување.

Возрасните деца често чувствуваат гнев за работите што им ги правеле нивните родители во детството, а коишто ги доживеале како болни и неправедни. Ако таквите чувства останат неискажани, се појавува долгорочно незадоволство и тоа се проектира врз партнерот или другите блиски луѓе. Кога овие чувства се препознаваат, тие можат да се разложат, разберат, а потоа да се сублимираат во нешто конструктивно.

Значи, омразата е деструктивна кога се негира. Кога си ја признаваме, сè е полесно. Само така тоа може да се вгради во емоционалната зрелост и рамнотежа.

– На крајот на краиштата, признавањето кон себеси дека понекогаш ги мразиме нашите блиски не значи дека сме лоши луѓе, туку дека сме свесни за нашите чувства. Ова е основата на емоционалната зрелост, искреноста и способноста љубовта и омразата да постојат истовремено. Ако ја игнорираме оваа реалност, чувствата ќе се манифестираат на несоодетни начини – преку напади на паника, депресија, прекумерна контрола или избегнување на врски, истакнува психоаналитичарот.

Зрелата перцепција на амбивалентните чувства води до фактот дека не реагираме импулсивно, не казнуваме, не повредуваме, туку се разбираме и себеси и другите. Тоа ѝ овозможува на љубовта да биде стабилна, вистинска и автентична. Знаењето дека омразата е нормална и човечка нè ослободува од срам и вина и им дава простор на родителите, партнерите и децата да функционираат во поздрави врски, со помалку тензии и повеќе меѓусебно разбирање. Само кога ќе ја прифатиме омразата како дел од искуството, може да ја надминеме, се вели. А, љубовта, благодарноста и уживањето во односите со нашите блиски стануваат достапни на вистински, длабок и автентичен начин.