Skip to main content
Македонија

Повредениот Авокатов ја опиша годината помината од големиот пожар во Кочани

16/03/2026  19:53

Во рамките на одбележувањето на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што пред една година животот го загубија 63 млади луѓе, вечерва на плоштадот во Штип граѓаните масовно палат свеќи во спомен на загинатите. Петмина од нив беа штипјани, а локалната самоуправа постави камен-темелник за идниот споменик во чест на загинатите.

Заедно со граѓаните, на одбележувањето присуствуваше и повредениот Александар Авокатов, кој накратко ја опиша својата борба со повредите и искуството од трагичната ноќ, објави 4news.mk

„Моментално се чувствувам добро, психички и физички. Прво бев донесен во штипската болница, каде што персоналот реагираше експресно. Потоа бев транспортиран во Скопје, а оттаму во Пловдив, каде ми беа извршени интервенции на рацете и рамената, а исто така имав повреда на главата. Грижата и вниманието на лекарите беа фантастични, се грижеа буквално како за своите деца“, изјави Авокатов за М Нет, пренесе 4ТВ.мк.

Тој додаде дека престојот во Пловдив траел околу 48-49 дена, по што продолжил со рехабилитација во Коченската болница, каде што и денес добива потребна грижа и терапија.

Авокатов опиша и самата трагедија: „Настапувавме со мојот бенд во кафебар во Кочани, а потоа со пријателите отидовме да ги посетиме нашите колеги. Атмосферата беше преубава, со насмеани луѓе, но за миг се претвори во катастрофа. Кога се вклучи пожарот, многу брзо се прошири, а присутните се заглавија во ходникот. За жал, некои не можеше да излезат навреме и настрадаа.“

Авокатов потенцира дека и покрај болката и траумата, е важно да се продолжи со животот и да се оддаде почит на загинатите.