
По автентичното толкување на Собранието и одлуката на Владата, осум амбасадори, назначени од поранешниот претседател Стево Пендаровски, се повлечени од своите дипломатски функции. Причината за нивното враќање е неисполнувањето на член 39 од Законот за надворешни работи, бидејќи не ги претставиле дипломатските тези пред собраниската Комисија за надворешна политика пред да бидат испратени како ополномоштени македонски амбасадори.
„Претставувањето на тезите е составен, нераздвоен дел од постапката за именување на амбасадор“, се наведува во автентичното толкување на Собранието.
Отповикани се следните амбасадори:
- Мето Белески – Брисел
- Катерина Ставревска – Лондон
- Зеќир Рамчиловиќ – Подгорица
- Пајо Авировиќ – ОБСЕ
- Емил Крстевски – Прага
- Јакуп Реџепи – Сараево
- Агнеза Руси – Софија
- Џенк Сејфула – Стокхолм
Претходно беше вратен и Андреј Жерновски, кој ја извршуваше функцијата амбасадор во Букурешт, Романија. Исто така, амбасадорот на Македонија во ООН, Љубомир Фрчкоски, поднесе оставка откако Министерството за надворешни работи најави внатрешна истрага за можни финансиски малверзации.
Одлуката на министерот беше донесена во периодот додека се чекаше пратеникот Антонио Милошески да свика седница на собраниската комисија за надворешна политика, каде амбасадорите требаше да ги претстават своите тези. Амбасадорите се задолжени да се вратат во Македонија до крајот на март оваа година.
Нема образложение за нивното отповикување во стандардната порака, која обично се испраќа при завршување на амбасадорскиот мандат. Неофицијално, како причина за оваа одлука се наведуваат „неправилности“ при нивното назначување.