Skip to main content
Свет

Повеќето Полјаци веруваат дека САД повеќе не се сигурен сојузник

10/02/2026  20:15

Малку повеќе од половина од Полјаците кои учествуваа во нова анкета рекоа дека веруваат дека САД повеќе не се сигурен сојузник, додека малку помалку од една третина веруваат дека е.

Резултатите од штотуку објавената анкета на СВ Рисрч (SW Research) спроведена за водечки полски дневен весник се слични на оние од други анкети и сите укажуваат дека Полјаците, кои обично се едни од најпроамериканските европски нации, имаат значително понегативна перцепција за САД откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа пред една година.

На прашањето како ја оценуваат меѓународната и безбедносната политика на Трамп во првата година од неговиот претседателски мандат, мнозинството (58 проценти) дадоа негативна оценка, а само 23 проценти дадоа позитивна.

Понатаму се вели дека некои полски функционери често го критикуваат Трамп, а премиерот Доналд Туск минатиот месец им се придружи на лидерите на Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија и Данска во повикот до САД да го почитуваат данскиот суверенитет над Гренланд.

Од друга страна, полскиот претседател Карол Навроцки, кој е поврзан со десничарската опозиција, е близок сојузник на Трамп кој редовно ја фали неговата реторика и постапки.

Некои неодамнешни анкети, спроведени во услови на кризата со Гренланд и гневот во Полска поради тврдењето на Трамп дека сојузниците во НАТО не им понудиле поддршка на САД „на првите линии“, исто така покажаа преовладувачки негативен став кон Вашингтон.

Анкетата на ИБП за весникот Супер експрес покажа дека 45 проценти од Полјаците веруваат дека САД под Доналд Трамп повеќе не се „пријател на Полска“, додека само 37 проценти мислат дека е.