Skip to main content
Свет

Повеќе од 600.000 луѓе останаа без електрична енергија во регионот на Запорожје по украински напад со дронови

03/06/2025  11:28

Повеќе од 600.000 луѓе останаа без електрична енергија во регионот на Запорожје, во Украина, што сега е под руска контрола, поради напад на украинските вооружени сили, објави рускиот шеф на регионот, Евгениј Балицки.

Руските медиуми го цитираат Балицки кој на Телеграм напиша дека 457 населени места во регионот на Запорожје останале без електрична енергија по нападот со беспилотни летала.

-Пожарите што избувнаа како резултат на нападот беа брзо изгаснати, а екипите на електроенергетската компанија започнаа со санација, истакна Балицки, наведувајќи дека важните објекти имаат резервни извори на енергија.

Балицки синоќа изјави дека опрема со висок напон во северозападниот дел од регионот Запорожје е оштетена во украинските напади.

Украинските вооружени сили, исто така, со беспилотни летала нападнаа енергетски објекти во Херсонскиот регион и оштетија нова трафостаница во Геничкиот регион, а повеќе од 100.000 жители во 150 населени места се без електрична енергија, изјави шефот на регионот, Владимир Салдо.

Вработените во Министерството за вонредни ситуации ги отстранија последиците од гранатирањето на електричната трафостаница во Геничкиот регион.