
Повеќе од 30 часа горела главната перилница на американскиот носач на авиони „Џералд Р. Форд“, пренесува весникот „Њујорк Тајмс“ изјави на морнари од посадата и официјални претставници на американската власт.
Според весникот, повеќе од 600 членови на екипажот останале без кревети во спалните одаи на бродот, двајца морнари биле хоспитализирани поради полесни повреди, додека десетици имале проблеми поради вдишување чад.
Официјалните информации говорат дека пожарот избувнал во вентилациски отвор во перилницата и брзо се проширил, но не ја оштетил погонската единица на бродот. Морнарите успеале да го локализираат и изгаснат пожарот.
Бродот со екипаж составен од 4.500 морнари и пилоти на авиони-ловци, во моментов е на десеттата оперативна мисија, најдолга од Виетнамската војна. „Џералд Р. Форд“ учествува во операции на Блискиот Исток, вклучувајќи американско-израелски воени активности против Иран, по претодниот ангажман на Карибите.
Носачот сѐ уште е целосно оперативен, но проблемите со одржувањето, вклучително и дефекти на 650 тоалети и одложени периодични ремонтни работи, укажуваат на преотеретеност на пловилото.
Плановите на Пентагон се носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ да го замени „Џорџ Х.В. Буш“ на Блискиот Исток, но експерти и припадници на морнарицата предупредуваат дека долготрајните активни ангажмани претставуваат сериозно оптоварување за екипажот и пловилото.

