
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, на покана од потпретседателката на Владата на Р Србија и министерка за економија, г-ѓа Адријана Месаровиќ, денес присуствуваше на свеченото отворање на четвртото издание на саемот „Винска визија – Отворен Балкан”, кој од 22 до 25 ноември 2025 година се одржува на Белградскиот саем.
„Винска визија – Отворен Балкан” е саем на вино, ракија, храна и туризам што се реализира во рамките на иницијативата Отворен Балкан – афирмирана регионална платформа за мир, економска соработка и поврзување.
Овој значаен регионален настан, единствен од ваков тип во Југоисточна Европа, претставува одлична можност за презентација, промоција и размена на производи, како и за дополнително зајакнување на економските врски меѓу земјите од регионот. Во изминатите три години, саемот се позиционира како центар на светски вкусови, знаења и деловни можности. Под слоганот „Единствено”, годинашното издание продолжува да го поврзува регионот со светот, овозможувајќи им на изложувачите простор за раст, развој и воспоставување нови партнерства.
Се очекува и оваа година „Винска визија – Отворен Балкан” да биде значајна платформа за вмрежување, промоција и претставување на регионалната гастрономска и туристичка понуда пред широка меѓународна публика.

