Skip to main content
Македонија

Постои европска легислатива дека дрон не смее да се лета над толпа, вели Тошковски

19/03/2025  16:14

Еднаш засекогаш треба да ги почитуваме законите. Ако постои правило дека летање на дрон треба да се пријави кај надлежен орган, тогаш треба да се пријави. Ако постои европска легислатива дека дронот не смее да биде летан над толпа, тогаш не смее да биде летан над толпа. Или ќе ги почитуваме сите закони за секое едно дејствие за кое што се пропишани или ќе ни се случуваат катастрофи, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски откако вчера неколку новинари беа повикани на информативен разговор во полициска станица поради снимање со дрон на протестот на плоштад „Македонија“.

Министерот е дециден дека нема компромис.

-Мораме да ги почитуваме законите. МВР е должно секогаш да се однесува со почит спрема секој новинар особено новинарите на терен и на кои што им е работа да ги доловат информациите до граѓаните, кажа Тошковски во изјава за медиумите на прес-конференција.

Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, новинарски екипи од ТВ21 и Ројтерс синоќа биле повикани на разговор во полиција поради немање соодветна дозвола за снимање со дрон на собирите на плоштадот во Скопје, по повод трагедијата во Кочани и по разговорот се пуштени.

МВР претходно соопшти дека Агенцијата за цивилно воздухопловство вовела забрана за користење воздухоплови без екипаж (дронови), за вршење какви било операции, на територијата на градовите Кочани и Штип.

Според изјавите на новинарите од ТВ21, користеле дрон кој е под 249 грама. Истакнаа дека според последните измени на Законот кои биле донесени во јануари, тие законски параметри биле симнати и дрон може да се лета без посебна најава и дозвола, само со 200 грама.