Skip to main content
Свет

Португалија воведува родителска согласност за тинејџери на социјални мрежи

12/02/2026  21:27

Португалскиот парламент на прво читање го усвои предлог-законот со кој младите од 13 до 16 години ќе можат да отвораат профили на социјалните мрежи само со дозвола од родител или старател.

Иницијативата доаѓа од владејачката Социјалдемократска партија, која образложи дека целта е подобра заштита на малолетниците од кибер-насилство, несоодветни содржини и злоупотреби преку интернет. Според предлогот, ќе се воспостави систем преку кој родителите формално ќе даваат согласност за регистрација и користење на платформите.

Законот треба да помогне и во доследна примена на веќе постојната забрана за деца под 13 години да користат социјални мрежи, видео-платформи и страници за онлајн обложување.

Слични чекори преземаат и други земји: во Австралија од декември е на сила забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, додека францускиот парламент неодамна поддржа ограничување за деца под 15 години, поради загриженост за онлајн малтретирање и менталното здравје.