Skip to main content
Македонија

Поранешниот претседател Иванов во посета на Анкара

01/03/2025  13:51

Поранешниот Претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од 25 до 28 февруари 2025 година престојуваше во работна посета на Анкара, Република Турција, каде што оствари низа значајни средби со високи државни преставници како и со преставници на академската и бизнис заедница.

Иницијативата за посетата беше на професорите на Катедрата по македонски јазик и литература при Универзитетот во Анкара, каде Претседателот Иванов беше поканет да одржи предавање на тема „Турско-македонските односи“. За време на предавањето, претседателот Иванов истакна дека турско-македонските односи се темелат на длабоки историски и културни врски, кои продолжуваат да се развиваат низ образованието и економската соработка.

Исто така нагласи дека студентите кои го изучуваат македонскиот јазик во Турција имаат важна улога како мост меѓу двете земји, придонесувајќи за продлабочување на соработката во различни области. Предавањето беше проследено од голем број студенти и професори, а дискусијата се фокусираше на историјата, заедничките културни вредности и идните перспективи за соработка меѓу академските институции на двете земји.

Во рамките на посетата, д-р Ѓорге Иванов оствари средба со Претседателот на Големото народно собрание на Турција, г. Нуман Куртумлуш. Разговорот се фокусираше на значењето на билатералните односи во контекст на регионалната стабилност и просперитет. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните геополитички предизвици, улогата на парламентите во унапредувањето на демократските процеси и можностите за унапредување на економската и културната соработка.

Претседателот Иванов ја истакна важноста на Турција како стратешки партнер на Македонија и изрази благодарност за континуираната поддршка што Турција ја дава во повеќе области од заеднички интерес.

Претседателот Иванов оствари пријателска средба и со поранешниот Претседател на Големото народно собрание на Турција, г. Мустафа Шентоп, со кого размени мислења за актуелните глобални предизвици, а особено внимание беше посветено на историските врски меѓу Македонија и Турција и начини за унапредување на соработката во сферата на образованието и културната размена.

Во рамки на посетата, Претседателот Иванов имаше продуктивна средба со Претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Серкан Кајалар, при што беа разгледани можностите за понатамошна поддршка на ТИКА во Македонија. Разговорите се фокусираа на актуелните проекти на ТИКА во Македонија во областа на образованието, инфраструктурата, земјоделието и културното наследство, кои придонесуваат за економскиот и социјалниот развој на Македонија. Претседателот Иванов искажа посебна благодарност за поддршката на ТИКА за проектот на Претседателот Иванов, Школа за млади лидери.

Во текот на посетата на Анкара, Иванов се обрати пред Собранието и Бордот на директори на Стопанската комора на Анкара (АТО) на тема „Економски, трговски и човечки односи меѓу Македонија и Турција“. Во своето излагање, тој истакна дека Турција е значаен економски партнер на Македонија и дека постои голем потенцијал за продлабочување на соработката во повеќе области. Посебен акцент беше ставен на важноста на културните и академските врски, како и улогата на македонската и турската заедница во зајакнување на пријателските односи меѓу двете земји.

При посетата, претседателот Иванов имаше можност да се сретне и со претставници на македонската заедница во Турција, кои се важен мост на пријателството и соработката меѓу двете држави. На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат македонските иселеници, како и за начините на поддршка за зачувување на јазикот, културното наследство и националниот идентитет.

Посетата беше дел од континуираните напори на Претседателот Иванов за унапредување и интензивирање на билатералната соработка, економските односи, како и културната и академската размена меѓу Македонија и Турција