Skip to main content
Балкан

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас поднесе оставка како пратеник на Сириза

06/10/2025  17:04

Поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, соопшти дека поднесува оставка од функцијата пратеник на левичарската партија Сириза, јави државната телевизија ЕРТ.

Во објава на социјалната платформа Икс (X), Ципрас напиша дека ја напушта грчката собраниска сала, но не и политиката. Одлуката официјално ја соопштил и во писмо до претседателот на Парламентот, Никитас Какламанис.

Како причина за својата оставка, Ципрас посочува дека сака да се посвети на „општествена дејност, далеку од функции и партиски механизми“.

„Не можам и не сакам да учествувам во Парламент кој, демократски осиромашен и целосно подреден на волјата на мнозинството, не е во состојба да ја исполни улогата што му е доделена со Уставот и што ја очекуваат граѓаните“, напиша тој.

Грчката телевизија Скај коментира дека оставката на поранешниот премиер може да отвори пат за создавање нова политичка платформа, иако самиот Ципрас нагласи дека нема намера да се постави како противник на своите поранешни партиски соработници.

Алексис Ципрас беше премиер на Грција во периодот 2015–2019 година, кога земјата спроведуваше најстроги мерки на штедење поради тешката финансиска криза. Неуспехот да ги испреговара подобри услови со меѓународните кредитори, и покрај изборните ветувања, значително ја наруши довербата во него и во левичарското движење.

По изборниот пораз на Сириза во 2023 година, Ципрас се повлече од лидерската позиција, а оттогаш ретко се појавуваше во јавност. Сепак, повремено упатуваше критики кон актуелното раководство на партијата, кое не успеа да го спречи континуираниот пад на нејзината поддршка меѓу гласачите.

Според изборниот редослед, неговото место во Парламентот треба да го преземе Теодорос Дрицас, следниот кандидат на листата на Сириза. Но, бидејќи Дрицас веќе премина во новоформираната партија Нова левица, доколку го прифати мандатот, Сириза ќе изгуби уште едно место во Парламентот.