Skip to main content
Спорт

Поради бизарна грешка казнет со неиграње на 25 натпревари

21/02/2025  12:30

Боби Портис, НБА шампионот од 2021 година и кошаркар на Милвоки Бакс, е суспендиран на 25 натпревари, објави Шамс Чаранија, најпознатиот НБА инсајдер.

Искусниот кошаркар ги прекршил правилата на НБА во врска со употребата на дрога, а всушност направил бизарен превид.

Според Марк Бартелштајн, менџерот на Портис, американскиот кошаркар измешал имиња на два лека и внел во своето тело недозволена супстанца.

„Боби случајно го зел Трамадол, мислејќи дека тоа е лекот против болки Торадол. Торадол е дозволен, но Трамадол не е и неодамна беше додаден на листата на забранети. Пилулата му ја дал асистент со правилен рецепт, за кој по грешка му рекол на Боби дека е Торадол. Искрена грешка со оглед на сличноста во името и фактот што се користи за слични цели“, рече меѓу другото Бартелштајн.

Тој додаде дека се почитуваат правилата на НБА, но дека тој и Портис се разочарани од нивната строга примена, бидејќи сега Боби мора да пропушти дури 25 натпревари поради невнимание.

Портис е во најсилната лига на светот од 2015 година, а последните пет сезони игра за Бакс, со кои беше шампион во 2021 година.

Инаку, Портис ги земал лековите поради болки, поточно повреда на лактот што ја имал, но сега тоа ќе го чини скапо поради бизарна грешка.

Поради суспензијата Портис нема да може да му помогне на тимот речиси до крајот на регуларниот дел од сезоната. Сезонава Портис има просек од 13,8 поени и 8,3 скока по натпревар.