Skip to main content
Македонија

Поместен прагот за црвен аларм во Скопје: Пад од 41 на 37 степени два дена по ред

16/06/2025  13:14

37 степени Целзисуови во јуни во Скопје е пекол и ако два дена по ред бидат измерени овие температури, државата ќе може да прогласи кризна состојба. За јули и август прагот е 39 односно 40 степени. Тоа значи дека треба да бидат преземни серија мери за зашитата на населението и ќе биде вклучен црвен аларм. За Охрид, на пример прагот е 32 степени во јуни, 35 во јули и август, а Гевгелија 38 во јуни, 41 во јули и август.

Досега праговите за црвен аларм беа повисоки. За Скопје за јуни прагот беше поставен на 41 степен, за јули на 44, а за август на 43 степени.

Според новиот акцински план, највисоко поставена температура после која се прогласува катастрофа е 41 степен и тоа се однсува за август за Демир Капија и за јули и за август за Гевгелија.

Овој документ ги содржи активностите во рамките на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Македонија 2025 – 2030, со цел навремено справување и одговор на влијанијата на топлотните бранови.

Промената во акцискиот план е производ на пресметки на УУХМР согласно нивна методологија на пресметка на 30 годишна перцентилна распределба на дневни измерени податоци за периодот мај-септември за триесетгодишен временски период 1991-2020, вели за „Република“ д-р Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.Согласно извештаите на Служба за климатски промени Коперник на Европската Унија, која ги следи податоците за климатските услови и промени на светско ниво уште од 1940 година, проценето е дека 2023 година е втората најтопла година измерена досега во Европа, со рекорден број денови на екстремен топлотен стрес.Ефектите од високите температури и топлината претставуваат едни од најголемите здравствени ризици предизвикани од климатските промени за човекот, доведувајќи и до потенцијални смртни последици. Според една студија, околу 48.000 смртни случаи во 35 европски земји, во летото 2023 година, се должат на изложеноста на топлина, особено топлина со подолго траење или висок интензитет во форма на топлотни бранови. Во Република Македонија, зачестената појава на топлотни бранови во последните години, има значајни последици врз здравјето на населението, што предизвикува и зголемено оптоварување на здравствениот систем во целина, нагласувајќи ја итната потреба од сеопфатен акциски план за превенирање на последиците врз здравјето. Согласно 4-тиот Национален план за климатски промени и анализите од Управата за хидрометеоролошки работи, најголема фреквенција на топлотни бранови има во последните десет години, со најмногу појави на најголем број станици во 2007 и 2012 година, се вели во новиот Акциски план на ИЈЗ.

Бројот, времетраењето и интензитетот на топлотните бранови во иднина ќе се зголемуваат, со што ќе се зголемува и појавата на негативните здравствени ефекти врз луѓето, особено поради влијанијата на променливата влажност на воздухот и аерозагадувањето.

Извештајот нотира дека дополнително, почестата појава на тропски ноќи, со недостаток на доволно долги периоди за опоравување, особено може да влијае врз здравјето на луѓето од урбаните средини и лица од социјално ранливи категории како што се бездомници, социјално изолирани лица, мигранти..

Ефектот на урбан жежок остров во градовите, го интензивира термичкиот стрес, нагласувајќи ја критичната улога на зелените површини во ублажувањето на овие влијанија.