Skip to main content
Македонија

Полноќен протест: Ганиу со граѓани собира ѓубре од Чаир и го носи пред Град Скопје

28/05/2025  23:21

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, вечерва организираше акција за собирање на отпад заедно со група граѓани од општината. Акцијата се одвиваше во Старата скопска чаршија, а собраниот отпад, според најавите, ќе биде симболично однесен до седиштето на Град Скопје во Градски парк.

Целта на оваа акција, како што најави Ганиу, е да испрати јасна порака за негрижата и несоработката од страна на градските власти кон Чаир. Тој нагласи дека општината со месеци се соочува со проблеми околу одвезувањето на отпадот и одржувањето на јавната чистота, а барањата упатени до Град Скопје остануваат игнорирани.

„Ќе го однесеме ѓубрето пред Град Скопје за да видат што секојдневно живеат нашите граѓани. Ова е срам за главниот град“, рече Ганиу на терен.

Колоната со граѓани, предводена од Ганиу, се упати пешки од Чаир кон Град Скопје, носејќи со себе кеси со собран отпад како форма на протест против, како што велат, институционалната блокада и негрижа.