
Полјаците рано утринава почнаа да гласаат на многу неизвесните претседателски избори кои во голема мера ќе влијаат на улогата на земјата во Европа и на правото на абортус и правата на ЛГБТК луѓето, јави Н1.
Проевропскиот градоначалник на Варшава, Рафал Трзасковски (53), сојузник на центристичката влада, се соочува со националистичкиот историчар Карол Навроцки (42).
Анкетите предвидуваат исклучително тесна трка помеѓу Навроски со 50,1 процент и Тржасковски со 49,9 проценти, што е мала разлика во рамките на маргината на грешка.
Гласачките места ќе бидат отворени помеѓу 7 часот наутро и 9 часот навечер во земјата членка на ЕУ и НАТО, која граничи со Украина и е клучен поддржувач на својот сосед против Русија.
Се очекува излезна анкета штом ќе заврши гласањето, а изборните службеници очекуваат конечниот резултат да биде познат во понеделник.
Победата на Тржасковски би била голем поттик за прогресивната агенда на владата предводена од премиерот Доналд Туск, поранешен претседател на Европскиот совет.
Ова би можело да значи значајни општествени промени како што се воведување граѓански партнерства за истополови парови и ублажување на речиси целосната забрана за абортус.
Претседателот во Полска, брзорастечка економија со 38 милиони луѓе, има моќ да става вето на закони, а е и врховен командант на вооружените сили.
Победата на Навроцки би ја охрабрила популистичката партија „Право и правда“ (ПиС), која владееше со Полска помеѓу 2015 и 2023 година, и би можела да доведе до нови парламентарни избори.
Многу од поддржувачите на Навроцки сакаат построги ограничувања за имиграцијата и се залагаат за конзервативни вредности и поголем суверенитет на земјата во рамките на Европската Унија.
„Не треба да попуштиме пред европскиот притисок“, вели 40-годишната домаќинка Агњешка Прокопјук пред гласањето.
„Мораме сами да си го градиме патот… и да не подлегнуваме на западните трендови“, изјави таа за АФП во градот Бјала Подласка во источна Полска, во близина на белоруската граница.
Томаш Чублун, 48-годишен механичар, рече: „Европската унија е важна, но суверенитетот на нашата земја е многу поважен“.
Ана Матерска-Сосновска, политички експерт, ги нарече изборите „вистински судир на цивилизации“ поради големите разлики во политиката меѓу кандидатите.
Многу од гласачите на Тржасковски поддржуваат поголема интеграција во рамките на ЕУ и забрзување на социјалните реформи.
Малгоржата Војќеховска, туристички водич и наставничка во педесеттите години, рече дека полските жени „за жал немаат исти права како нашите европски пријатели“.
„Се надевам дека Рафал Трзасковски ќе ја рестартира дебатата за абортусот, за конечно да можеме да живееме во слободна земја каде што можеме да имаме свое мислење“, изјави таа.
Изборите се внимателно следени и во Украина, која се стреми да ја зајакне меѓународната дипломатска поддршка во преговорите со Русија, бидејќи нејзиниот отпор кон инвазијата на Москва се зајакнува.
Навроцки, обожавател на американскиот претседател Доналд Трамп, се противи на членството на Киев во НАТО и побара ограничување на бенефициите за околу еден милион украински бегалци во Полска.
Тој ги искористи последните часови од кампањата во петокот за да остави цвеќе на споменикот на Полјаците убиени од украинските националисти за време на Втората светска војна.
„Тоа беше геноцид врз полскиот народ“, рече тој.
Се очекува конечниот исход од изборите да зависи од тоа дали Тржасковски може да мобилизира доволно поддржувачи и дали гласачите од крајната десница ќе гласаат за Навроцки.
Кандидатите на крајната десница добија повеќе од 21 процент од гласовите во првиот круг од изборите, во кој Тржасковски победи со тесна разлика од 31 процент наспроти 30-те проценти на Навроцки.