Skip to main content
Свет

„Политико“: Европските „суверенисти“ поделени околу потезите на Трамп

06/01/2026  13:07

Десничарските „суверенистички“ партии во Европа се поделени околу прашањето како да одговорат на акцијата на американскиот претседател Доналд Трамп во Венецуела и неговите закани за преземање контрола врз Гренланд, при што некои молчат, други го поддржуваат, а има и такви кои го осудија – оценува бриселскиот портал „Политико“.

Според лидерот на романската екстремно десничарската Алијанса за унија на Романците (АУР), Ѓорѓе Симион, заканите на Трамп за анексија на Гренланд не треба да бидат причина 2026-та да не биде прогласена за „Година на Америка во Романија“.

– Фактот дека Вашингтон може да го заземе Гренланд би можел да стане голем проблем, но Европа и САД ќе најдат начини да ги надминат внатрешните предизвици – навел Симион во писмен одговор до порталот.

Тој уште додава дека единствениот начин Европа да „остане слободна“ е да се залага за враќање на привилегираните трансатлантски односи.

Координаторот на десничарската пратеничка група Патриоти за Европа (ПФЕ) во Европскиот парламент, данскиот европратеник Андерс Вистисен, пак, смета дека преземање на Гренланд од страна на Трамп е нешто „незамисливо“, бидејќи тоа би значело „колапс на НАТО“.

– Ова во голема мера е политички театар насочен кон прикривање на внатрешните недостатоци, а не кохерентна стратегија – навел Вистисен во одговор до „Политико“.

Политичкиот директор на унгарската Влада и главен советник на премиерот Виктор Орбан, Балаш Орбан, во одговорот до бриселскиот портал истакнал дека со акцијата во Венецуела, Трамп само ги „следел американските национални интереси што се обврзал да ги застапува“.

Кога станува збор за Гренланд, пак, тоа прашање, според Балаш Орбан треба „да се реши во рамките на НАТО“.

Од друга страна, потпретседателката на ПФЕ, Кинга Гал и претседателот на десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) во ЕП, Матеуш Моравјецки не одговориле на барањето на „Политико“ за коментар на последните потези на Трамп.

Порталот наведува дека единствена меѓу истакнатите лидери на европската десница, кои јавно се спротивстави на американската акција за смена на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, е неформалната лидерка на францускиот екстремно десничарски Национален собир, Марин Ле Пен.

Таа во неделата во објава на „Икс“ оцени дека има илјада причини да се осуди режимот на Николас Мадуро, кој предолго го угнетуваше својот народ и доведе милиони Венецуелци во мизерија, но „постои фундаментална причина да се спротивставиме на промената што САД штотуку ја донесоа во Венецуела“.

– Суверенитетот на државите никогаш не е предмет на преговори, без оглед на нивната големина, нивната моќ или нивниот континент. Тој е неповредлив и свет. Да се откажеме од овој принцип денес за Венецуела и за која било држава, би било еднакво на прифаќање на сопствено ропство утре. Ова би била смртна опасност, особено затоа што 21-от век веќе е сведок на големи геополитички превирања кои фрлаат трајна сенка на војна и хаос врз човештвото – наведе Ле Пен.