Skip to main content
Македонија

Полицијата со нова „алатка“ за ловење на дрогирани возачи: Ќе ги тестира за 10 минути преку тест со плунка

23/08/2025  09:53

Министерството за внатрешни работи наскоро ќе ја засили контролата на учесниците во сообраќајот со набавка на нова генерација брзи тестови за дрога преку плунка, дознава порталот 4NEWS.mk.

Како што пренесува порталот, станува збор за брзи имунохроматографски тестови, специјално наменети за употреба од овластени службени лица без потреба од медицинско предзнаење. Тестовите се едноставни за употреба и овозможуваат земање примерок за помалку од една минута, со неинвазивен метод – преку орален брис или апликатор. Резултатите се видливи за максимум 10 минути, без употреба на дополнителна електронска опрема.

Според техничките спецификации, новите тестови ќе овозможат детекција на шест видови психоактивни супстанции: тетрахидроканабинол (THC), кокаин, амфетамин и метамфетамин, опијати како морфин и хероин, екстази (MDMA) и бензодиазепини.

Овие тестови се произведени во согласност со европските стандарди, имаат CE сертификација за ин витро дијагностика и ISO 13485 сертификат за квалитет на медицински уреди. Дополнително, потврдено е нивното користење во полициски и други институции за спроведување на законот.

Министерството бара тестовите да имаат рок на траење од најмалку 12 месеци, да бидат индивидуално пакувани и јасно означени со рок на употреба, серија и производител. Добавувачот, доколку е потребно, ќе обезбеди и бесплатна обука за полициските службеници за правилна примена и читање на резултатите.

Испораката на тестовите се очекува најдоцна 30 дена по потпишувањето на договорот, а документацијата и упатствата ќе бидат достапни и на македонски јазик.

Со оваа набавка, МВР ќе има на располагање современи и сигурни средства за проверка на возачите, со што значително ќе се придонесе кон зголемување на безбедноста на патиштата.