Skip to main content
Македонија

Полицаец по 4 часа во кафана ја прегази и усмрти велосипедистката Анета – Семејството Цветкоски по две години неизвесност утре ја чека пресудата на судот

13/05/2025  19:56

Смена на четири судии и две години во неизвесност за семејството Цветкоски, кои утре ја очекуваат пресудата од Основниот Суд Битола, по сообраќајната несреќа во која животот го загуби нивната сопруга и мајка, Анета која беше прегазена со велосипед од страна на лицето Димитар Петрески – полициски службеник.

Според она што за 24Инфо го истакна Игор Мицев, адвокатот на семејството Цветкоски, сообраќајната несреќа се случила на ден 09-06-2023 година кога полицаец кој моментално не бил на должност, со приватно возило удри во Анета која била застаната надвор од патот со велосипед, а по ударот веднаш го напуштил местото на несреќата, за подоцна лажно да се пријави неговиот татко како извршител. По проверките на МВР е утврдено дека се работи за лажна пријава и приведен е Димитар Петрески. И покрај притворот од шест месеци во постапката, две години истиот не признава вина барајќи преквалификација на поблаго дело.

Во изјава за 24Инфо, Александар, сопругот на Анета, истакна дека сомничениот пред сообраќајната несреќа бил четири часа во кафана, а поради тоа што бил повеќе од 24 часа недостапен за полицијата не му бил направен алко-тест, за во судница подоцна да изјави дека 4 часа пиел вода.

За работите да бидат потрагични, за време на судењето е направено вештачење на осомничениот и утврдено е дека истиот е со нарушен вид од раѓање, но и покрај тоа работи во МВР.

“И покрај фактот што со офтамолошко вештачење се утврди дека Д.П. од раѓање има асигматизам, се уште е на слобода, поседува оружје и вработен во МВР-сообраќај”, вели Мицев.

Александат, сопругот на Анета, запраша како едно лице со оштетен вид може да биде вработено во МВР, односно како истиот е примен на работа пред околу десетина години кога според правилата за работа, лице со асигматизам не смее да биде на должност.

Оштетената фамилија ги поминаа овие две години чекајќи го исходот во оваа постапка и на утрешното рочиште очекуваат најстрога казна имајќи го предвид специфичниот настан за лицето кое го сторило делото.

Анета Цветкоска зад себе остави две малолетни деца.

Наталија Јосифоска